Информација по одржана средба на работна група за подолг престој на возачи во Шенген зона
Почитувани членки,
Во врска со одржаниот состанок на Работната група на 11.02.2026 година, Ве информираме дека разговорите се воделе со претставниците на сите 6 држави од Западен Балкан (вклучени се и Албанија и Косово) со цел да се добијат технички показатели за да се изнајде соодветно решение за преодниот период до целосно спроведување на новата Стратегија за визна либерализација. Во период од две недели закажан е нов состанок на Работната група по консултации кои треба да се направат со нивните држави кои ги претставуваат во рамките на Шенген зоната.
Во дополнетата Стратегија за визна либерализација на ЕУ, за првпат се признава дека професионалниот возач е лице кое врши дејност и треба да биде третирано соодветно, односно да има можност за подолг престој од 90/180 дена, исто како екипажите во другите видови транспорт.
Во меѓувреме, Асоцијација Макам-транс презема конкретни чекори со цел да се овозможи поголемо лобирање за надминување на проблемите со кои се соочуваат возачите во преодниот период, имено:
- Испратен е официјален допис до Министерството за надворешни работи и надворешна трговија со барање за институционална поддршка преку организирање на средба со сите амбасадори на држави членки на Шенген зоната кои имаат амбасади во нашата држава, покана и до амбасадорот на ЕУ Михалис Рокас како и на претседателот на Комората за странски инвестиции. Со цел да се обезбедат услови и во преодниот период за непречено вршење на превоз на стока и патници на територијата на ЕУ, без неправедни ограничувања и дискриминаторни постапки согласно Спогодба за асоцијација и стабилизација потпишана со ЕУ во 2001 година и сите Билатерални спогодби од областа на патниот превоз.
- Испратени се барања до амбасадите на земјите членки на Шенген зоната во нашата држава, за добивање на информации за поднесување барање за добивање на посебна виза за професионалните возачи за подолг престој во нивната држава, односно со можност да важат и за сите држави од Шенген зоната.
- Доставени се дописи до стопанските комори, Организација на работодавачи, застапник од Федерален секретаријат од Белгија за сектор Патен транспорт и логистика и до превозниците за обезбедување поширока поддршка преку нивните соработници од земјите на Шенген зоната.
- Испратен е допис и до Делегација на Европската Унија во нашата држава со барање за воспоставување услови за преодно решение до целосна имплементација на новата стратегија, согласно Спогодбата за асоцијација и стабилизација потпишана со ЕУ.
Нашата цел останува јасна – да се обезбеди непречено вршење на дејноста превоз во патниот сообраќај, со целосно почитување на меѓународните и европските правни стандарди и без дискриминација на професионалните возачи од нашата држава.
Асоцијацијата активно учествува во процесот на изнаоѓање решение и навремено ќе ве информира за сите официјални одлуки и насоки.
Ваш Макам-транс