Протест 26.01.2026 година
Почитувани превозници,
Со оглед на фактот дека блокадата која започнува на 26.01.2026 година ќе опфаќа 8 гранични премини кои директно или индиректно се поврзани со патните коридори кон државите од Шенген зоната, во прилог е СООПШТЕНИЕ кое може да го преземете и доставите до Вашите партнери како би можеле и они од своја страна да лобираат и помогнат за надминување на настанатиот проблем кој долгорочно ќе влијае на растот и развојот на економиите на сите држави кои не се членки на ЕУ.
С О О П Ш Т Е Н И Е
До сите трговски друштва кои вршат увоз, извоз или организација на превоз на стока во меѓународниот промет.
Ве информираме дека превозниците од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора на 26.01.2026 година започнуваат ПРОТЕСТ со блокада на граничните премини за влез и излез од државите до надминување на проблемот за евиденција на престој на возачите во Шенген зоната.
Основна цел на протестот е да се укаже на долгорочните последици кои ќе почнат да влијаат на несметано функционирање на економијата во целина во земјите од Западен Балкан, но со пореметување на синџирот на снабдување последиците ќе се осетат и во земјите од Шенген зоната и кај странските инвеститори во сите четири држави.
Иницијативата за одржување на ПРОТЕСТ во сите четири држави како координирана активност е за да се прати порака на Европската комисија, односно генерално на европската администрација на земјите членки на Шенген, но и до нарачателите на превоз да сфатат и лобираат за воведување нови правила за евиденција на времето на престој на професионалните возачи (правило 90 / 180 дена). Професионалните возачи не се туристи, не се илегални мигранти, терористи ниту илегални работници за да се апсат, депортираат и да им се забранува правото на вршење на својата дејност, со што директно се влијае на транспортната индустрија, но и на стопанството во целост кое се потпира на домашни превозници.
Блокадата е само предупредување за да во наредните два месеци се пронајде решение затоа што од април 2026 година, нема да има блокади туку превозниците нема да работат затоа што ќе нема кој да ги вози товарните возила. Помошта и поддршката од Ваша страна е борба за заедничка иднина, раст и развој на економиите на сите четири држави.
Нашиот предлог е на возачите да не им се бројат денови на престој и да се третираат како и меѓугранични работници кои постојано ги минуваат границите затоа што ја вршат својата основна работна задача, превоз на стока.
Во очекување на Вашата поддршка со директна комуникација до Вашите матични компании или клиенти со кои соработувате Ви благодариме на разбирањето.
Воедно Ви доставуваме мејл адреси:
cab-tzitzikostas-contact@ec.europa.eu;
cab-brunner-contact@ec.europa.eu;
home-b1-borders@ec.europa.eu
на кои може увозниците и извозниците, односно странските инвеститори да испратат барање на наоѓање на решение за правилото 90 во 180 дена.
Биљана Муратовска
генерален секретар на Асоцијација Макам-транс